Претседателот на Косово, Хашим Тачи вечерва по средбата во Брисел со српскиот претседател Александар Вучиќ и високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини изјави дека состанокот бил „потежок од што може да се опише“, но дека се работи за стогодишен проблем.
-Не сум наивен да мислам дека веднаш итно и магично ќе најдеме решение за иднината, рече Тачи по состанокот.
Додаде дека со договор за нормализација на односите двете страни ќе добијат многу, но дека се плаши дека доколку не постигнат договор ќе изгубат многу повеќе.
-Не може да останеме жртви на минатото туку треба да гледаме кон бенефициите за иднина на земјите и нашите граѓани, рече Тачи.
Српскиот претседател за РТС изјави дека отворено разговарале за многу прашања, дека не е претеран оптимист, нод ека прашањата се отворени. Тој не сакаше да навлегува во детали за да не ја наруши позицијата на ниту една од страните.
Тој најави дека следен чекор ќе биде да се обрати до нацијата, но дури тогаш кога ќе увиди дека има некаква шанса за компромисно решение.
-Со тоа ќе излеземе пред народот, па народот нека одлучи дали тоа го сака или не. Никој не треба да се плаши од самовластие, од донесување одлуки без поддршка од народот, изјави Вучиќ по средбата со Тачи.
Извор:НоваТВ










