8000 граѓани се’ уште чекаат мораториум на градбите во Струга и Охрид

0
384

Под мотото ЕДНО Е! ВРЕДНО Е! еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42 од Охрид денеска, на 21 јуни – Денот на Охридското езеро, преку отворено писмо, од пратениците повторно побара итна забрана за сите инфраструктурни проекти во охридско-струшкиот регион.

Фронт 21/42 пред една година на Собранието му предаде картичките со кои повеќе од 8000 граѓани побараа мораториум за единственото Светско природно и културно наследство во Македонија – Охридскиот регион.

„Тоа што најмногу не’ загрижува е евидентното неспроведување на приоритетната препорака бр. 6 на Реактивната мониторинг мисија а тоа е прогласување на мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации, додека не се завршат и не се спроведат сите релевантни документи. За ова не треба ниту пари ниту време. Треба само политичка волја, пишува меѓу другото во писмото на Фронт 21/42.

Од таму потенцираат дека од последната Одлука на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО до денес, државата не ги исполнила своите обврски како што е формирање на работна група за измени и дополнувања на Законот за управување со Охридскиот Регион, донесување на Одлуката за спроведување на Стратешка оцена за влијанието врз животната средина како и донесување на Планот за управување со заштитеното подрачје.

Според ова здружение дел од институциите „спроведуваат и активности кои се во спротивност со Препораките на Мисијата и последната Одлука на Комитетот за светско наследство“.

„Во текот на 2018 Владата усвои информации кои јасно покажуваат планови за продолжување на дел од постоечките проекти како и за нови крајбрежни трансформации, премиерот покани италијански компании да инвестираат во постоечкиот проект за Коридор VIII, за кој Мисијата има три Препораки со кои се бара суштински измени на трасите, Министерството за транспорт и врски објави Нацрт Стратегија за транспорт за период 2018 – 2030, во која не се инкорпорирани Препораките а општините Струга и Охрид и понатаму дозволуваат градежни зафати долж крајбрежјето“, велат од Фронт 21/42.

На 21 јуни, Денот на Охридското езеро од Фронт 21/42 бараат од пратениците да ги усвојат суштинските заклучоци од надзорната расправа за Законот за управување со Охридскиот Регион и спроведување на препораките од УНЕСКО.

Извор:НоваТВ