Три држави од Персискиот Залив денес ветија дека ќе му помогнат на Јордан со 2,5 милијарди долари во обид да се стабилизира ситуацијата во кралството кое се соочува со најголемите протести во последните неколку години, поради владините планови за штедење, кои вклучуваат зголемување на даноците, пренесува Anadolu Agency (AA).
Донацијата од Кувајт, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати ќе биде ставена како депозит во Централната банка на Јордан.
Поголем дел од парите од донацијата ќе послужат како гаранција кај Светската банка. Исто така, дел од парите ќе бидат потрошени за финансирање проекти за развој, како и за буџетска поддршка на Владата на Јордан.
Петгодишниот пакет на помош наречен „Надеж“ ќе му помогне на Јордан да дојде до нов, сеопфатен план за штедење за да ги задоволи меѓународните кредитори и јорданската јавност.
Донацијата е одобрена по утринскиот состанок во Мека на кој присуствуваа јорданскиот крал Абдула Втори, саудискиот крал Селман бин Абдулазиз Ал Сауд, кувајтскиот емир, шеик Сабах ал Ахмад ал Сабах, и челникот на Дубаи, шеикот Мухамед бин Рашид Ал Мактум, потпретседател и премиер на Обединетите Арапски Емирати.
Во соопштението се вели дека кралот Абдула Втори, рекол дека „Надеж“ ќе ѝ помогне на земјата за надминување на фискалната криза.
Во декември 2011 година шефот на Советот за соработка на земјите од Персискиот Залив со вкупно шест земји членки, вети дека ќе даде 2,5 милијарди долари помош на Јордан и Мароко, кои, исто така, беа повикани да ѝ се приклучат на регионалната група на земјите од Заливот таа година.
Понудата траеше пет години, а истече минатата година, и сега се очекува дека блокот од шест членки ќе понуди нова понуда за дополнително финансирање.
Јордан добива над една милијарда долари годишно од САД, како и помош од Европа и други земји. Јорданските протести доведоа до оставка на премиерот. Иако мирни, протестите ја загрозуваат стабилноста на кралството. Јордан е исто така една од двете арапски земји кои имаат целосни дипломатски односи со Израел, и игра важна улога во израелско-палестинскиот мировен договор.









