Автомобил бомба во јужен Авганистан уби најмалку 10 лица, а биле ранети уште 35 лица, пренесе Ројтерс. Експлозијата се случила за време на многу посетениот боречки натпревар, велат официјалните претставници. Никој не ја презеде одговорноста за нападот, меѓутоа сведоците објавија дека меѓу бројните посетители на натпреварот биле гувернерот на провинцијата Хелманд и локалните советници. Портпаролот на гувернерот изјавил дека возачот ја активирал бомбата откако не му било дозволено да влезе во кругот на салата.
Талибанците контролираат големи делови од оваа провинција и честопати извршувале напади, но во овој случај нема информации дека стојат зад овој напад. Авганистанските власти неодамна им понудија на талибанците да формираат партија и да се приклучат на изборите во обид да го запрат насилниот бунт.
Извор:(Vijesti / ФЕНА)










