Чавушоглу: „Турција и Египет започнаа контакти на дипломатско ниво“

by Administrator

АНКАРА (АА) – Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Турција и Египет започнале со контакти на дипломатско ниво по повеќегодишната пауза поради нарушувањето на односите во 2013 година, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Имаме контакти и на разузнавачко ниво и на ниво на министерствата за надворешни работи со Египет. Започнаа контактите на дипломатско ниво“, изјави Чавушоглу во интервјуто за Агенција Анадолија (АА) и Турската радио-телевизија (ТРТ).

Нагласувајќи дека ниту една страна не поставила предуслови, Чавушоглу изјави дека односите кои биле нарушени со години, не можат да се изградат одеднаш и лесно.

Тој рече дека недостигот на доверба е исто така нормална состојба во такви ситуации и дека може да се случи кај двете страни.

„Поради таа причина, преговорите се одвиваат и продолжуваат според одредена стратегија, Мапата на патот“, изјави Чавушоглу.

– Авганистански мировен процес – 

Во врска со американската понуда до турската Влада да биде домаќин на состанок на повисоко ниво меѓу претставниците на авганистанската Влада и Талибанците во следните недели за да се финализира Мировниот договор, Чавушоглу рече дека Турција е вклучена во процесот од самиот почеток.

„Ние сме една од ретките земји поканети на оваа церемонија на потпишување и ние сме еден од најважните актери во Авганистан“, истакна тој.

Минатата недела, државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, во писмо до авганистанскиот претседател Ашраф Гани рече дека Вашингтон има намера да побара од ОН да ги свикаат министрите за надворешни работи и пратениците на Русија, Кина, Пакистан, Иран, Индија и САД за да разговараат за тоа како да се промовира мир во Авганистан.

„На Турција ѝ веруваат и двете преговарачки страни“, изјави Чавушоглу, и истакна: „И Талибанците и преговарачката делегација, што значи владината страна, претходно побараа од нас да бидеме домаќини на таков состанок.“

Тој истакна дека Турција, исто така, ќе назначи специјален пратеник за Авганистан, кој ќе придонесе за процесот.

Чавушоглу додаде дека состанокот нема да биде алтернатива на процесот на Катар, туку ќе биде поддршка.

„Ние ќе го организираме овој состанок во координација со братската земја Катар“, рече тој, додавајќи дека целта е преговорите да продолжат на начин ориентиран кон резултати.

Чавушоглу рече дека верува оти Турција значително ќе придонесе за состанокот, кој се планира да се одржи во Истанбул во април.

Anadolu Agency

 

You may also like