Францускиот нон пејпр предизвика неофицијална дебата во бриселските дипломатски кругови. И покрај поддршката на актуелниот пристап на ЕУ во однос на проширувањето на кон Западиот Балкан, во овој документ во кој се вели дека „земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија и Албанија, како и Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија, припаѓаат на Европа, врз основа на нивната историја, култура и географија“, сепак во дипломатските кругови во Брисел постои сомнеж во вистинските намери на официјален Париз.
„Сето ова не може да го прикрие фактот дека француските предлози не се однесуваат на реформа на пристапниот процес, туку за ставање крај на проширувањето на ЕУ. Тоа е отровна стрела за земји како Северна Македонија кои направиле многу за исполнување на строгите услови на ЕУ за да започнат разговори за пристапување. Ако Франција се приклучи на консензусот на ЕУ за овој процес, ние всушност би можеле да видиме повеќе реформи и поголем напредок на теренот отколку преку вклучување во долги дискусии за методологијата”, вели неименуван дипломат за „Политико”.
Во врска со ваквите ставови следеше и реакција на анонимен француски дипломат.
„Ако сакавме да бидеме против процесот на проширување, тоа би било многу едноставно, би можеле само да ставиме вето“, додаде официјалниот претставник. „Ова не е она што го правиме“, вели тој. Според истиот извор, потребна е сериозност, а не обвинување едни со други.
„Се надеваме дека сега ќе можеме да ја отвориме дебатата. Значи, никој не е присилен да го прифати документот или да каже дека е совршен. Мора да ја отвориме дебатата и да предизвикаме дискусија за ова”, вели францускиот дипломат.
Ова јавно препукување во дипломатските кругови во Брисел доаѓа само еден ден пред седницата на Советот за општи работи на ЕУ на кој шефовите на дипломатии на земјите членки на ЕУ се очекува да разговараат за иднината на процесот на проширувањето на ЕУ, а по неуспехот на Европскиот Совет одржан во октомври на кој не успеа да се обезбеди концензус по предлогот на ЕК да се даде зелено светло за старт на преговорите за членство на Македонија и Албанија.
Изјавите на францускиот претеседател дадени по октомвриската сесија на Европскиот Совет предизвикаа загрижеснот во многу евроопки центри и Вашингтон поради толкувањата дека тие изјави на шефот на француската држава значат обид да се стави крај на проширувањето на ЕУ.
Nova.
Mahir Demishoski
