Потребно е да се подигне општата свест дека медицината е хумана дејност и дека не сме сите исти, вели доктор Николина Смоковска, најмладиот супспецијалист нефролог во Македонија
Патот на македонските лекари до специјализирање во одредена област воопшто не е лесен, особено ако притоа мора да растеш две деца, а да земаш кредити за своето образование. Таков е примерот на доктор Николина Смоковска, најмладиот супспецијалист нефролог во Македонија. Таа ни раскажа како се станува доктор во Македонија и што треба да се промени во системот на едукација на младите лекари.
Смоковска има специјализација по интерна медицина, која ја започнала во 2008 година, а по 4 години се стекнала со звање специјалист по интерна медицина. По две години работа како интернист се запишала на супспецијализација во областа на нефрологија во траење од 2 години.
Една година по завршувањето на специјализацијата се вработила во ПЗУ Специјална болница по дијализа и нефрологија-Диамед, Скопје. По предлог од шефот на одделот за дијализа, проф. д-р Ристо Гроздановски, запишала супспецијализација по нефрологија.
Младите лекари се најзасегнати
Здравствениот систем во Македонија се соочува со многу предизвици. Не им е лесно на лекарите, но и на пациентите. Ова, според Смоковска, се најгорливите проблеми:
– Младите лекари се најзасегнати. Стануваш млад лекар, немаш работно искуство, но полн си со теоретско знаење и започнуваш со минимални примања. Моето прво работно место беше како матичен лекар во ординација по општа медицина со месечни примања од само 11.000 денари. Но, едноставно мораш да работиш, затоа си учел, за пациентите. Потоа следуваат условите за работа во самите установи, особено државните. Исто така, во претходниот период како да имаше негативна кампања кон лекарската фела, ставајќи ги сите лекари во еден кош. Во секоја професија има индивидуи што работат совесно и професионално и такви што не се толку посветени, но тоа не значи дека тие индивидуи ја дефинираат фелата. И таа хајка на некој начин кон лекарите и останатиот медицински персонал, па дури и физички напади беа неоправдани и непотребни.
Многумина се одлучуваат за живот надвор од земјава, особено лекарите и медицинскиот персонал за кој се широко отворени вратите во Европа. Ова секако дека ја мами и Смоковска, особено зашто и сопругот е лекар.
