СТРУГА: Се урна чардакот на најстарата куќа, може да падне врз луѓето во чаршијата, Општината не реагира

by Administrator

Се сруши дел од чардакот на најстарата автентична куќа во струшката чаршија, куќата на Ќатовци, за која со години се алармираше дека е во лоша состојба. Распаднатите делови се опасност за минувачите, а рушевините ја отсликуваат негрижата за објект кој претставува белег на градот.

Сопственикот Глигор Ќато вели дека досега никој од надлежните ниту излегол на терен ниту прашал, па вчера сам поставил лента на просторот околу куќата и со часови ги предупредувал минувачите да не поминуваат во близина на објектот оти делови од куќата паѓале на земја.

„Практично, ја молам Општината да го отстрани делот кој може да причини штета, но и за ова мое барање немам добиено никаков одговор. Целта не е да ми ја поправи мене куќата, туку да обезбеди безбедност на граѓаните кои поминуваат по Чаршијата“, вели Ќато.

Ќато пријавил и во полиција за потенцијалната опасност, а побарал помош и од противпожарна служба, но добил одговор дека полицијата не е надлежна, а струшката Пожарна не поседувала опрема за да се отстрани оградата која со часови виси и во секој момент може да падне.

„Се работи за објект во распаѓање и потребна е опрема и стручност за безбедно да се тргне оградата која сега виси на еден штраф над струшката чаршија. Над оградата е чардакот кој е во распаѓање и какво било мрдање нестручно на оградата може да предизвика голема опасност“, додава Ќато.

Чардакот на куќата изградена пред околу 150 години е белег на вредна староградска архитектура по која градот е препознатлив, но со години санацијата не може да се направи поради недавање согласност на еден од сопствениците на куќата.

Глигор Ќато вели дека пред две години започнал судска постапка против другите сопственици на куќата за преземање итни санациони мерки за превенции од идна штета. Пред 7 месеци добил пресуда во негова корист и врз основа на тоа поднесол барање за издавање на одобрение за санација на објектот до Општина Струга.

Видео: Фејсбук Глигор Ќато

You may also like