Словенија: 90 проценти од вработените во јавниот сектор добиваат бонуси на платите

by Administrator

Околу 90 проценти од сите вработени во јавниот сектор на Словенија ќе добијат бонуси на платите за периодот од 12 март па до крајот на мај, период во кој таа држава ќе примени стимулативни мерки за отстранување на последиците од корона кризата.

Владата на Словенија најави дека за таа намена ќе издвои 98 милиони евра, а поединечните плати во просек ќе бидат зголемени за по 25 проценти. Во првиот бран во додатоци ќе бидат поделени 39,2 милиони евра, што значи дека мерките за стимулации може да бидат продолжени и после мај.

Од вкупниот фонд за додатоци за зголемување, скоро половина е резервиран за здравствените работници, а остатокот ќе се распореди на органите во составот на владата и министерствата, најмногу на службеници како што се полицајци, чувари на затворите, војници, вработени во цивилна заштита или служби за заштита и спасување.

Најголема дозволена висина на корона додаток ќе биде 100 проценти од износот на платата, а се верува дека ќе добијат медицинските работници вработени на интензивна нега и оние кои работат со најтешките случаи заболени од COVID-19.

You may also like