Словачка би можела да ја прекине испораката на електрична енергија во другите земји од Европската унија доколку не добие дополнителна помош за справување со растот на цените на енергијата, предупреди денеска премиерот Едуард Хегер, оценувајќи дека мерките што досега ги договори блокот не одат доволно далеку.
Министрите за енергетика на ЕУ на денешниот состанок одобрија пакет мерки што вклучува: давачка за дополнителниот профит на компаниите од секторот фосилни горива што тие го остваруваат оваа или следната година, потоа давачка за вишокот приход што е евтина електрична енергија производителите добиваат од поскапувањето на струјата и задолжително намалување на потрошувачката на електрична енергија за 5,0 отсто во периодот кога цените се на својот врв. Словачкиот премиер, сепак, рече дека нема договор за распределба на приходите остварени од споменатите давачки на ниво на ЕУ, иако за тоа постои одредба на билатерална основа, пренесува Ројтерс.
Хегер изјави дека тоа е проблем за Словачка, бидејќи нејзиниот главен производител однапред продавал струја за следната година по цени значително пониски од сегашните, па словачките дистрибутери и корисници сега мора да купуваат струја по повеќекратно повисока цена.
