Руските единици, кои беа префрлени во Белорусија на заеднички воени вежби, ќе се вратат во местата на постојано распоредување кога ќе се појави потреба, изјави началникот на Генералштабот на вооружените сили на Белорусија, Виктор Гулевич, пишува „Ројтерс“.
„Единиците на руските вооружени сили ќе се вратат во местата на постојано распоредување само кога ќе има објективна потреба за тоа и кога ќе одлучиме сами. Тоа е исклучиво наша внатрешна работа“, изјави началникот на Генералштабот, пренесе прес-службата на Министерството за одбрана на Белорусија.
Тој посочи дека враќањето на единиците на руските сили во Русија „во голема мера ќе зависи од западните колеги“.
„Силите и ресурсите распоредени во источноевропскиот регион, меѓу другото, во близина на државната граница на Белорусија, се еден од факторите кои влијаат на понатамошниот развој на ситуацијата“, рече Гулевич.
Тој потсети дека „во однос на зголемувањето на воените активности на надворешните граници на Федералната држава Русија и Белорусија и ескалацијата на ситуацијата во Донбас, претседателите на Русија и Белорусија одлучија да продолжат со проверка на силите на одговорот на Федералната држава“.
Од 10 до 20 февруари на територијата на Белорусија се одржаа заедничките белоруско-руски воени вежби „Сојузничка определба 2022“, како дел од проверката на силите за реагирање на Сојузната држава.
