Сајбер нападите што беа извршени на веб-страниците на Владата на Албанија на почетокот на неделата не беа организирани од обични хакери, туку од некоја земја, изјави во четвртокот премиерот на земјата Еди Рама.
Албанската Национална агенција за информатичко општество (АКШИ) во понеделникот објави дека сите јавни интернет сервиси и владини веб-страници се затворени по синхронизиран сајбер напад надвор од земјата. Албанскиот премиер на денешната прес-конференција изјави дека нападот претставува „масовна сајбер агресија врз Албанија“ и додаде дека јавните интернет сервиси се повторно во функција.
Тој рече дека тимот на АКШИ работи деноноќно на решавање на проблемот и додаде дека ќе одржат посебна прес-конференција за нападот. – Она што сакам да го истакнам е дека, пред се, не станува збор за напад организиран од обични хакери, ниту од групи луѓе од овој мрачен свет кои често вршат вакви потфати дури и против многу поголеми и многу помоќни држави…
Ова е организирана агресија на една држава. Сè уште ги немаме сите докази за да утврдиме која од двете земји е многу осомничена. Се надевам дека тоа ќе го направиме наскоро, бидејќи тоа е најделикатниот дел од истрагата – рече Рама.
