Пленковиќ: Хрватска подготвена да и помогне на Турција во борбата против катастрофалните пожари

by Administrator

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денес изјави дека Хрватска е подготвена да и помогне на Турција во борбата против катастрофалните пожари во земјата, во кои досега животот го загубија осум лица.

„Изразуваме сочувство до семејствата на жртвите и до турскиот народ и претседателот Реџеп Таип Ердоган за катастрофалните пожари во земјата“, напиша премиерот Пленковиќ на Твитер. Тој додаде дека хрватската влада „одлучи да и помогне на Турција со испраќање Канадер“ преку Европскиот координативен центар за итен одговор (ERCC).

Бројот на загинатите во пожарите на јужниот брег на Турција во неделата се искачи на осум, додека пожарникарите петти ден се бореа да го локализираат пожарот, кој и понатаму се заканува по туристичките места.

Премиерот додаде дека Хрватска ја цени помошта што ја дава Турција по земјотресот во декември во областа Петриња и Сисак.

You may also like