Авионот на „Сирија ер“ полета од аеродромот во Дамаск во моментот кога беше објавено дека главниот град го зазеле бунтовниците, според веб-страницата за следење летови „Флајтрадар“.
Авионот прво полетал кон крајбрежниот регион на Сирија, упориште на алавитската секта на Асад, или потоа направил остар пресврт и полетал во спротивна насока неколку минути пред да исчезне од картата.
Ројтерс не можеше веднаш да утврди кој се наоѓа во авионот. Два сириски извори рекоа дека постои многу голема веројатност Асад да загинал во авионска несреќа, бидејќи е мистерија зошто авионот наеднаш се свртел во половина круг и исчезнал од мапата според податоците на веб-страницата Флајтрадар.
ОАЕ: Не знаеме дали е тука
Официјален претставник на Обединетите Арапски Емирати денеска изјави дека „не знаат“ дали сирискиот претседател Башар ал Асад побегнал во нивната земја.
На прашањето дали Асад сега е во ОАЕ, дипломатскиот советник на претседателот Анвар Гаргаш им рече на новинарите: „Не знам“. Тој рече дека Асад претходно не ја користел „сламата на спасот“ што му ја понудиле различни арапски земји, вклучително и ОАЕ.
Турција: Веројатно надвор од Сирија
Сирискиот претседател Башар ал Асад „веројатно е надвор од Сирија“, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи. Запрашан од новинар на Си-Ен-Ен на прес-конференција во Катар дали знае каде може да биде Асад, Хакан Фидан рече: „Не можам да коментирам за тоа, веројатно надвор од Сирија“.
