Откако денес беше потврдено дека кувајтскиот емир Сабах Ал-Ахмад ал-Џабер ал-Сабах почина на 91-годишна возраст, Советот на министри на оваа земја објави дека новиот кувајтски емир стана Наваф Ал-Ахмад Ал-Џабер ал-Сабах (83) , кој служеше како престолонаследник од 2006 година.
– Во согласност со членот од законот од 1964 година за одредбите на Уставот и наследувањето на емиратот, престолонаследникот Шеик Наваф ал-Ахмад ал-Џабир ал-Сабах стана емир на Кувајт – се вели во соопштението објавено по денешната вонредна седница на Советот на министри, предводена од премиерот Сабах ал-Калид ес-Сабах.
Државната телевизија на Кувајт во вторникот попладне ја потврди смртта на Сабах ал-Ахмад ал-Џабер ал-Сабах, без да наведе повеќе детали.
Новиот кувајтски емир Наваф Ал-Ахмад ал-Џабер ал-Сабах е шести син на Ахмад ал-Џабер ал-Сабах, кој владееше со Кувајт од 1921 до 1950 година. Тој влезе во политичкиот живот во 1962 година, а од 1991 година работи како министер за социјални работи и труд, министер за одбрана и министер за внатрешни работи. Во 2006 година, тој беше назначен за престолонаследник.
