Мароко: Националниот сојуз на независните, еден од коалиционите партнери на Владата, победи на парламентарните избори

by Administrator

Победник на парламентарните избори во Мароко што се одржаа на 8 септември е Националниот сојуз на независните (RNI), коалициониот партнер на Владата, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Мароканскиот министер за внатрешни работи, Абдулвафи Лефтит, на прес-конференција ги објави резултатите од изборите за 395-члениот Претставнички дом што се одржаа вчера.

Лефтит истакна дека Националниот сојуз на независните (RNI), кој успеа да добие 97 пратеници, е победник на изборите.

Според него, преброени се 96 проценти од гласовите.

Лефтит исто така додаде дека Партијата за автентичност и модерност (PAM) освоила 82 места, партијата Истиклал – 78 места, Социјалистичкиот сојуз – 35, Народното движење – 26, Напредок и социјализам – 20, додека Уставната унија – 18 места.

Тој нагласи дека најголемиот партнер на Владата, Партијата на правдата и развојот (PJD), освоила 12 пратенички места, додека преостанатите 12 места се распределени меѓу другите 12 партии.

Во официјалната изјава што вчера ја даде Министерството за внатрешни работи на Мароко, соопштено е дека излезноста на парламентарните и локалните избори во земјата изнесува 50,18 проценти.

You may also like