Израелската армија рано утринава ја презеде одговорноста за воздушен напад врз училиште на УНРВА во Појасот Газа, каде според израелците „се криела база на Хамас“.
– Воени борбени авиони извршија прецизен напад врз базата на Хамас лоцирана во внатрешноста на училиштето УНРВА во регионот Нусеират – се наведува во соопштението на израелската армија, а пренесуваат светските агенции.
– Терористите на Хамас и Исламскиот џихад кои припаѓаа на силите Нухба и кои учествуваа во смртоносниот напад врз заедниците во јужен Израел на 7 октомври оперираа во овој комплекс. Терористите ја насочуваа својата кампања на терор од областа на училиштето додека го експлоатираа и го користеа како засолниште, додаде израелската армија.
Сепак, Исмаил Ал-Тавабта, директор на владината канцеларија за медиуми, ги отфрли израелските тврдења дека во училиштето се наоѓа командно место на Хамас, додавајќи дека најмалку 27 лица кои барале засолниште биле убиени.
– Окупацијата користи лажење на јавноста преку лажни измислени приказни за да го оправда бруталното злосторство што го изврши врз десетици раселени лица – рече Тавабта.
Но, властите на болницата Ал-Акса соопштија дека најмалку 39 луѓе биле убиени во нападот.
Израел додаде дека нема да има прекин на борбите за време на преговорите за прекин на огнот.
Вашингтон продолжува силно да притиска за договор.
Заменик-директорот на ЦИА Вилијам Барнс се состана со високи катарско-египетски посредници во средата во Доха за да разговараат за предлогот за прекин на огнот.
По краткото примирје што траеше седум дена во ноември минатата година, сите обиди да се договори прекин на огнот пропаднаа.
Во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври минатата година, загинаа 36.586 Палестинци, од кои најмалку 15.328 деца и 10.171 жени, а 83.074 луѓе беа ранети, јавува Анадолија.
