Земјотрес во Измир: Бројот на загинати се зголеми на 51, повеќе од 896 лица се повредени

by Administrator

Бројот на загинатите во земјотресот со јачина од 6,6 степени по Рихтер што се случи вчера во Егејското Море во близина на населеното место Сеферихисар кај градот Измир, се зголеми на 51 лице, повеќе од 896 лица се повредени, а од рушевините на срушените згради се спасени повеќе 104 граѓани.

Според добиени информации од Координациониот центар за здравство и елементарни непогоди (САКОМ), во земјотресот животот го загубија 51 лица од кои едно лице беше удавено поради надојдените води на морето во населеното место Сеферихисар.

Во земјотресот се повредени 896 лица од кои 682 се излекувани и отпуштени од болница, а продолжува лекувањето на 214 лица.

Засега се завршени работите за пребарување и спасување во 9 од 17 срушени згради, додека непрекинато продолжуваат работите за пребарување и спасување во уште 8 срушени згради кадешто се уште има затрупани граѓани.

Во објавеното соопштение од Управата за елементарни непогоди и итни состојби (АФАД) се истакнува дека во погоденото подрачје се регистрирани повеќе од 850 последователни потреси од кои 40 со јачина од над 4 степени по Рихтер.

Претседателот Реџеп Тајјип Ердоган вчера го посети погоденото подрачје од земјотресот во Измир кадешто непрекинато продолжуваат работите за пребарување и спасување.

По одржаната прес конференција во Кризниот штаб во населеното место Борнова, претседателот Ердоган го посети населеното место Бајракли кое беше најмногу погодено од земјотресот.

Ердоган посети една од срушените згради во земјотресот кадешто непрекинато продолжуваат работите за пребарување и спасување и овде од страна на министерот за животна средина и урбанизам Мурат Курум и претседателот на Управата за елементарни непогоди и итни состојби (АФАД) Мехмет Ѓуллуоглу беше информиран за работите за пребарување и спасување меѓу рушевините на срушените згради.

Претседателот Ердоган рече дека досега во погоденото подрачје од земјотресот е испратена помош од 24 милиони турски лири (приближно 2,87 милиони долари) и дека во зависност од потребите ќе биде испратена и дополнителна помош.

Претседателот Реџеп Тајјип Ердоган додаде дека по земјотресот од 88 земји пристигнаа пораки за солидарност, поддршка и желба за побрзо опоравување.

Инаку, Управата за елементарни непогоди и итни состојби (АФАД) соопшти дека завчера (30 октомври, во петокот), во 14:51 часот по локално време е регистриран земјотрес во Егејското Море на 17 километри од брегот на населеното место Северихисар кај градот Измир.

Земјотресот се случи на длабочина од 16,54 километри и беше почувствуван во едно широко подрачје на градот Измир и околината, па дури и во Истанбул, како и на грчките острови во Егејското Море на чело со островот Сисам (грчки Самос).

Најмногу беа погодени населеното место Сеферихисар и општините Бајракли и Борнова во Измир каде што 17 згради беа срушени, а голем број згради беа оштетени.

TRT

You may also like