ЕУ ќе ја разгледа апликацијата за членство на Украина, Молдавија и Грузија

by Administrator

Европската унија (ЕУ) се подготвува да ги разгледа апликациите на Украина, Молдавија и Грузија, кои сакаат да станат членки на Унијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според информациите што ги објави Франција, која претседава со ЕУ, амбасадорите на земјите-членки синоќа постигнале договор, Комисијата на ЕУ да даде мислење за апликациите на трите земји.

Со тоа, направен е првиот чекор од техничкиот процес на апликацијата за членство.

Земјите од ЕУ можат да номинираат кандидати со донесување одлуки на највисоко политичко ниво. За ова е потребно одобрение од сите земји на ЕУ.

Меѓутоа, во последните години познато е дека некои земји од ЕУ не гледаат позитивно на проширувањето. Поради оваа причина, се наведува дека Комисијата на ЕУ на трите земји може да им предложи „привилегирано партнерство“.

Дури и ако е номинирана, земја која аплицира во процесот на ЕУ, мора да ги исполни критериумите на ЕУ во однос на економијата и политиката. Може да поминат многу години за да се исполнат овие критериуми пред пристапувањето.

Украина, Молдавија и Грузија ги поднесоа своите барања за членство во ЕУ минатата недела во екот на рускиот напад врз Украина.

За апликациите на трите земји се очекува да разговараат лидерите на земјите-членки, кои ќе се сретнат во Версајската палата од 10 до 11 март, чиј домаќин е Франција, претседавачот со ЕУ.

You may also like