Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, по средбата со ирачкиот претседател Берхем Салих, порача дека зачувувањето на политичкото единство и територијалниот интегритет на Ирак е основа на турската политика за Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
„Политиката на Турција за Ирак се базира врз неговиот територијален интегритет, и врз осигурувањето на стабилноста и безбедноста“, истакна Ердоган на заедничката прес-конференција со својот ирачки колега во Анкара.
„Подигнувањето на Ирак на сопствени нозе е многу важно за регионалната безбедност и стабилност. Зачувувањето на политичкото единство и територијалниот интегритет на Ирак и осигурувањето на стабилноста и безбедноста се основа на нашата политика за Ирак“, рече Ердоган.
Турскиот претседател потсети на терористичките организации во регионот и рече дека ДЕАШ, ПКК и ФЕТО се закана и за Турција и за Ирак.
„Терористичките организации ДЕАШ, ПКК и ФЕТО претставуваат закана за Турција и Ирак. Двете земји треба да соработуваат во борбата против тероризмот.“
Ердоган истакна дека Турција сака да ја зголеми соработката на полето на безбедноста со Ирак и додаде „Има многу работи што можеме да ги реализираме со Ирак во одбранбената индустрија“
По состанокот со ирачкиот претседател Берхем Салих, кој престојува во посета на Турција, Ердоган потсети дека трговската размена меѓу двете земји во 2013 година изнесувала 16 милијарди долари и срушила рекорд, и дека смета оти таа треба да се зголеми на 20 милијарди.
Ердоган изрази надеж дека оваа година ќе продолжи соработката со Ирак и со Стратешкиот совет на високо ниво.
„Подготвени сме да придонесеме за инфраструктурните и развојните проекти во Ирак, особено кога станува збор за обнова на местата кои имаат претрпено материјална штета како резултат на судирите. Сакаме да ја подобриме нашата соработка на полето на безбедноста. Постојат многу работи што можеме да ги реализираме, особено во секторот на одбранбената индустрија“, рече Ердоган.
