Грција денеска прогласи вонредна состојба на островот Санторини, кој од 1 февруари е жариште за сеизмички активности во јужниот дел на Егејското Море.
Вонредната состојба ќе остане на сила до 3 март, соопшти грчкото Министерство за климатски кризи и цивилна заштита.
Во меѓувреме, сеизмичката активност продолжува во морската област меѓу островите Санторини и Аморгос со иста фреквенција како и претходните денови, јави грчката јавна телевизија ЕРТ.

Тие додаваат дека неколку области на Санторини се опколени поради опасност од лизгање на земјиштето.
ЕРТ соопшти дека тим од инженери од Атина пристигнал на островот за да ги прегледа јавните згради и училишните објекти.
Во склад со развојот на настаните, истакнатиот грчки геолог Ефтимиос Лекас смета дека се намалува можноста за голем земјотрес со јачина од шест степени според Рихтеровата скала.
„Најверојатното сценарио, сепак, е дека сеизмичката активност продолжува неколку дена или недели со ист интензитет, исто темпо, односно со многу земјотреси“, рече Лекас.
