Шефот на сириската дипломатија денеска во Каиро се сретна со својот египетски колега и ова е прва ваква посета по повеќе од една деценија и знак дека арапските држави ги подобрија односите со сирискиот претседател Башар Ал Асад, пишува Ројтерс.
Фејсал Мекдад беше пречекан во египетското Министерство за надворешни работи од Самех Шукри. Тоа е прва посета на сирискиот министер за надворешни работи на Египет од 2011 година, кога изби граѓанската војна во Сирија.
Претседателот Асад беше избегнуван од дипломати на многу западни и арапски земји поради граѓанската војна во која стотици илјади луѓе ги загубија животите. Египетскиот безбедносен извор анонимно изјави дека целта на посетата е да се разговара за условите за враќање на Сирија во Арапската лига со посредство на Египет и Саудиска Арабија.
Арапската лига со седиште во Каиро ја суспендираше Сирија во 2011 година, а многу арапски земји ги повлекоа своите дипломатски претставници од Дамаск.
Некои земји, вклучувајќи ги САД и Катар, се спротивставија на обновените врски со Асад, наведувајќи ја бруталноста на неговата влада за време на конфликтот и потребата прво да се постигне напредок кон политичко решение во Сирија.
Сепак, клучните регионални сили, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, неодамна сигнализираа зголемена отвореност кон Дамаск. Египетското Министерство за надворешни работи објави слики од двајцата министри на затворена средба. Сириската државна новинска агенција САНА објави дека целта на разговорите била зајакнување на односите меѓу двете земји. Шукри ги посети Сирија и Турција во февруари по разорните земјотреси.
(TBT, агенции)
