Атанасоски за „Слободен печат“: „На Балканот уште ќе се апсат шпиoни“

by Administrator

На Балканот наново „се мешаат картите“ и во новите геополитички игри за распределба на моќта е очекувано и македонските безбедносни служби да поминат низ филтер што ќе ги прочисти од руското влијание, слично како акцијата што беше спроведена викендов во соседна Бугарија, вели аналитичарот Благојче Атанасоски за „Слободен печат“.

„Како поранешна земја на Варшавскиот пакт под советско влијание Бугарија е многу погодна да биде роварена од руски тајни служби, бидејќи истите се длабоко навлезени во самиот безбедносно- разузнавачки систем на бугарската држава. Веројатно тоа им пречи на САД, другиот хегемон, антипод на рускиот, бидејќи Бугарија е скоро две децении членка на НАТО со класифицирани безбедносни информации со кои располага. Во иднина можеме да гледаме се повеќе вакви ,,акции“ кај нас, но и во сите земји од нашето поблиско опкружување кои се членки на НАТО. Во суштина кај нас тоа ќе значи целосно прочистување на безбедносните служби и системи од руското влијание со неговите сателити, српски и унгарски“, вели Атанасоски.

Според него, оваа постпандемиска геополитичка распределба на силите на Балканскиот полуостров кај нас ќе значи целосно прочистување на безбедносните служби и системи од руско влијание со неговите српски и унгарски сателити, односно целосно и практично потпаѓање на воено-безбедносниот и разузнавачки апарат под западната, поконкретно, американска сфера на влијание.

Тој не го смета овој потег на Бугарија за резултат на некаков притисок од САД, кој според него, ќе уследи после избoрите.

„Во однос на дали овој скандал е поврзан со „дисциплинирање на Бугарија“, визави ветото што го стави врз нашите европристапни преговори, не наоѓам директна врска, бидејќи тој притисок ќе се создаде постизборно, кога ќе се види новиот распоред на силите во бугарското собрание. САД ќе фаворизираат влада што ќе биде склона да ги омекне односите со официјално Скопје и со која Бугарија наместо кочничар ќе биде мотор и промотор на Западниот Балкан кон полноправното членство во ЕУ“, вели Атанасоски за „Слободен печат“.

You may also like