Лигата на арапските држави (ЛАС) повеќе не ја смета шиитската партија Хезболах за терористичка организација, пишува весникот Ал-Ахбар, повикувајќи се на изјавите на помошникот генерален секретар на ЛАС, Хосам Заки, …
… на состанокот во Бејрут со Мохамад Раад, лидер на парламентарната фракција „Лојалност кон отпорот“.
– Лигата одлучи да ја отстрани ознаката терористичка од Хезболах, бидејќи таа партија игра клучна улога во сегашната политика и иднината на Либан – изјави египетскиот дипломат, а пренесува весникот.
Тоа беше прва средба меѓу Заки и Раад од 2016 година, кога, на иницијатива на Саудиска Арабија, Арапската лига ја прогласи шиитската партија како терористичка организација. Хезболах е обвинет за промовирање иранско влијание на Блискиот Исток и за мешање во внатрешните работи на Ирак, Јемен, Либан, Сирија и арапските земји од Персискиот залив.
Говорејќи пред новинарите во Бејрут, египетскиот дипломат истакна дека неговата посета има за цел да ја изрази солидарноста на регионалната заедница со Либан и неговиот народ во име на генералниот секретар на ЛАС, Ахмед Абул Геит.
– Воената ескалација на југ претставува сериозен предизвик за безбедноста и стабилноста, не само во Либан, туку и на целиот Блиски Исток, особено ако конфликтот се прелее – рече Заки.
Дипломатот ја истакна потребата сите страни да се усогласат со резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН „за да се запре ситуацијата“. Според дипломатот, меѓународната заедница „мора да инсистира на ставање крај на војната што беснее во Појасот Газа, што ќе ја запре конфронтацијата во јужен Либан“.
Помошникот генерален секретар на ЛАС ги повика либанските политичари да ги стават националните интереси над личните амбиции и што е можно поскоро да изберат нов претседател, чија позиција е празна во последните 19 месеци, пренесува ТАСС.
