Соединетите Држави изјавија дека се „загрижени“ поради присуството на иранските воени претставници, особено оние од Корпусот на гардата на Исламската револуција (ИРГЦ), на саемот за одбрана во Доха во Катар. На меѓународната изложба и конференција за поморска одбрана во Доха (DIMDEX), која се одржа во главниот град на Катар од 21 до 23 март, Иран ги претстави моделите на своите ракети, системи за вооружување за противвоздушна одбрана и бродови.
Иранскиот штанд го организираше Министерството за одбрана на земјата. Иранскиот амбасадор во Доха Хамидреза Дехгани објави слики од иранскиот штанд во средата преку својот профил на Твитер и им се заблагодари на иранските пронаоѓачи и техничари за нивните достигнувања. „Се разбира, ние не гледаме на светот низ цевка. Меѓутоа, за да се одбраниме, ги произведуваме сите алатки на моќта, а оружјето е едно од нив“, напиша Дехгани. Еден ден подоцна, портпаролот на Стејт департментот на САД, Нед Прајс, во изјава рече дека САД се „длабоко разочарани и вознемирени од присуството на ирански воени претставници и наводно офицер на иранскиот корпус на гардата на исламската револуција на саемот за одбрана во Доха во Катар“. Белата куќа, под администрацијата на Трамп, ја прогласи ИРГЦ за странска терористичка организација во 2019 година. Тоа беше прв пат Вашингтон да означи елемент на странска држава како терористички ентитет.
