(Дубаи – Портал) – Скендер Бузаку, претендентот за реис на Исламската верска заедница (ИВЗ), изјави дека ИВЗ треба да ја почитува судската одлука, тој да биде новиот реис. Актуелниот реис Сулејман Реџепи се противи да ја напушти функцијата.
Вечерва највисокото тело на ИВЗ Ријасетот ја почна седницата на факултетот за исламски науки во Кондово на која ќе се расправа за разрешување и именување на претставници во заедницата.
До ова дојде откако попладнето пред седиштето на Исламската Верска Заедница во Скопје дојдоа полициски сили поради обидите за смена на реисот Сулејмен Реџепи.
Обидот за смена на Реџепи успеди по судска одлука со која се прифаќа барањето на една од двете спротивставени групи за нов реис да биде назначен Скендер Бузаку.
Попладнето и приврзаниците на Реџепи и приврзаниците на Бузаку беа во просториите на ИВЗ. Актуелниот реис Сулејман Реџепи се противи да ја напушти функцијата, а пред новинарите Бузаку изјави дека тој е новиот реис.
„Од утре си даваме заклетва и ќе се организираме како верници. Јас сум новиот реис на ИВЗ”, рече Скендер Бузаку, кој се повика на внатрешни акти и на судско решение.
Бузаку го обвини реисот на ИВЗ дека вработувал луѓе од своето семејство во заедницата и рече дека поради тоа не очекуваме мирно предавање на функцијата.
Во седиштето на ИВЗ е присутна и финансиска полиција која го проверува работењето на Реџепи.
Основиот суд Скопје 2 ја уважил жалбата на Скедер Бузаку кој во 2015 бил избран за реис на ИВЗ. Во истиот тој период на паралелно собрание е реизбран за реис на ИВЗ Сулејман Реџепи.
И во изминатиот период имаше обиди за смена на реисот Реџепи, но досега тие беа безуспешни.
Во еден случај во ИВЗ имаше и инцидент, во кој физички беше нападнат скопски муфтија, а имаше и посочувања дека расправијата започнала поради проневера на пари.
Mahir Demişoski
