Македонија ќе биде ранлива доколку продолжи кризата и потрае војната во Заливот. Во претходната енергетска криза земјата ја имаше највисоката стапка на инфлација во регионот, а поради големата увозна зависност ризикот од нови ценовни шокови е значително висок.

Поради кризата на Блискиот исток, која трае веќе неколку недели, се очекува натамошен раст на цената на храната, бидејќи речиси една третина од глобалната трговија со ѓубрива поминува преку Персискиот Залив. Економските експерти предлагаат Владата да обезбеди дополнителна поддршка за ранливите категории граѓани, да го намали товарот од акцизи и да ја засили антимонополската контрола и инспекцискиот надзор.

На тркалезната маса „Улогата на пазарот и државата во управувањето со ограничените ресурси“, експертите оценија дека нов инфлаторен бран е неизбежен. Иако не се очекува нагло зголемување, инфлацијата ќе продолжи со ползечка динамика. Неизвесноста ја отежнува и проценката за економскиот раст.

Таки Фити: намалување акцизи, штедење и координација на политики

Академик Таки Фити смета дека намалувањето на акцизата би имало директен ефект врз цената на нафтените деривати. Според него, потребно е да се засили антимонополската контрола, бидејќи дел од компаниите под изговор на глобалниот раст на цените ги зголемуваат сопствените производни цени.

Фити вели дека, ако кризата продолжи, ќе бидат неопходни ребаланс на буџетот, штедење и максимално намалување на непродуктивните трошоци. Тој оцени дека цената на нафтата нема брзо да опаѓа, а за уништената инфраструктура за нафта и гас во Катар и Иран ќе бидат потребни месеци за обновување.

Повеќе на:DW.DE