Во интервју за Си-Би-Ес, Руте рече дека на европските сили им е потребно време да се предомислат во врска со поддршката на војната, бидејќи не биле вклучени во првичното планирање, со цел, според него, да се зачува елементот на изненадување на американско-израелските напади.

Тој ја спореди ситуацијата со Иран со онаа со Северна Кореја, оценувајќи дека нуклеарен Иран би бил закана за Израел, Европа и светската стабилност.

„Видовме со Северна Кореја, ако преговарате предолго, можете да го пропуштите моментот кога сè уште можете да го решите прашањето. Северна Кореја сега има нуклеарни капацитети“, рече Руте.

Трамп претходно ги критикуваше сојузниците од НАТО за, како што изјави, одбивањето да учествуваат во операциите против Иран и рече дека Вашингтон ќе „се сети“ на таквото однесување.

Трамп на својата социјална мрежа Truth Social изјави дека НАТО без САД е „хартиен тигар“ и дека сојузниците се „кукавици“ затоа што не сакаат да учествуваат во борбата за запирање на „нуклеарен Иран“.

Тој оцени дека борбата сега е „добиена воено“, со мал ризик за другите земји, но дека и покрај ова, некои членки на алијансата ги критикуваат високите цени на нафтата. Според него, причината за зголемувањето на цената е ситуацијата во Ормускиот теснец, а сојузниците, како што тврди тој, не сакаат да помогнат во неговото отворање, што го опиша како „едноставен воен маневар“.

„Би било лесно за нив со минимален ризик. Кукавици, ќе го запомниме тоа“, заклучи Трамп.

Сепак, некои членки на НАТО ги отфрлија повиците на Трамп, наведувајќи дека се подготвени да помогнат во обезбедувањето на Ормускиот теснец, важен нафтен пат, но не за време на војна што, како што истакнуваат, тие не ја започнале.

Соединетите Американски Држави и Израел го нападнаа Иран во саботата, на 28 февруари, во она што го нарекоа „превентивни напади“, по неуспехот на повеќе рунди разговори за нуклеарната програма на Иран. Потоа Иран започна масовни одмазднички напади против Израел и цели поврзани со САД низ регионот на Блискиот Исток.