Македонските политичари се почесто ги има на ТикТок, кој станува моќна алатка за политичка кампања. Оваа платформа „предизвика“ неочекуван пресврт во романските претседателски избори. Анализи и истражувања покажуваат дека се користи да се шири руско влијание и европските регулатори отворија истраги.

Политичарите ширум светот кои некогаш ја критикуваа социјалната платформа ТикТок (TikTok) сега и се придружуваат во обид да допрат до младите корисници. На овој светски тренд се приклучија и македонските политичари. Тие на оваа платформа по изборите лани во мај и натаму секојдневно споделуваат кратки видеа со политички пораки, од средби со граѓани, од настани, каде што зборуваат за „сработеното“.

ТикТок, лансиран на глобално ниво во 2017 година, сега е една од најпопуларните веб-платформи на интернет, а го надмина Гугл во 2021 година, со милиони следбеници привлечени од неговите кратки видеа со алгоритми кои работат на персонализирање на содржините за секој корисник.

Политичарите, чии ликови секојднево ги гледаме на телевизија, интернет портали и весници, на социјалните мрежи како Фејсбук, Инстаграм и Твитер, сега се пробиваат и на ТикТок.

Премиерот Христијан Мицкоски во едно од последните видеа прикажува како дели новогодишни пакетчиња, пречекува странски делегации во Владата, но и дел од неговите патување во Брисел и средбите со колеги на Самитот посветен за Западен Балкан.

За разлика од неговите едноставни видеа во кои доминираат куси политички пораки искажани од собраниска говорница или прес конференција, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на поинаков начин и се приближува на младата публика.

Триесет и петгодишниот министер на младата публика и се прикажува како чекори по бриселските улици, а во позадина покрај драматичните музички тонови се слушаат неговите пораки.

„Следната година, мојата нација ќе одбележи 25 години откако стана кандидат за членство во ЕУ. 25 години поминати во реформи и жртвување. Проширувањето не е само стратегиска неопходност, туку е и морална обврска. Тоа значи исполнување на европското ветување“, вели Муцунски во пораката по обраќањето во Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент.

Повеќе на РСЕ