Автопатите на Бехтел и Енка по една година – нема ни педа асфалт

by Administrator

Една година од потпишување на договорот за автопати со Бехтел и Енка и три прослави за почеток на градба, а на асфалт уште не замирисало. Досега е одземен нешто повеќе од половина од имотот каде ќе поминуваат трасите, и на третина од земјиштето му е направено геотехничко испитување. Властите очекуваат март да го одбележи градежна експанзија. Жителите на местата каде ќе поминуваат патиштата не сакаат на нивните ниви да никне автопат.

Наместо кромид, домат, пиперки и компири, на дел од нивите на жителите во Горна и Долна Бањица во гостиварско, се планира да никне камп за градежна механизација и за работниците, кои треба да го градат автопатот од Гостивар до Букојчани, дел од коридорот 8.

Преку Коридорот 8 Северна Македонија треба со автопат да се поврзе со Албанија.

Жителите негодуваат што државата сака да го експропира имотот од кој егзистираат од памтивек. По протестите и блокадите, властите минатата недела им дале некое ветување, но што ќе излезе од сето тоа ќе се знае следната недела, вели Насир Асипи, претседателот на месната заедница Долна Бањица.

„Нивите со векови се на нашите семејства, од отоманско време. Тоа не е имот за продавање, тоа е плодно земјиште. Ние ниви не продаваме, опстанокот ни е од тоа. Се продавало долу, кај што се куќите, по 60-70-80 евра за квадратен метар, ама нивните не се продаваат за плацеви, за куќи, а и ако се продавале, тоа е за производство, не за да се гради“, вели Асипи.

Според првичните проценка на изведувачите треба да се одземе околу 60 хектари земјиште во селата Горна и Долна Бањица, што е колку 120 фудбалски игралишта. Мештаните за возврат ќе добијат по 650 денари (околу 10 евра) за квадратен метар земјиште. Тие предложиле кампот за потребите на работниците да се изгради во старата касарна во гостиварско, но властите го отфрлија тоа со образложение дека ако се смени планот ќе се пролонгираат градежните работи.

Повеќе на:РСЕ

You may also like