Јорданскиот принц Хамза Бин Ал Хусеин, поранешниот престолонаследник, вчера објави дека се откажал од кралската титула во знак на протест против актуелната политика на кралството, пишува „Reuters“, пренесува „Dubai-Portal“.

Во писмото објавено на „Twitter“, принцот Хамза вели дека се откажува од титулата бидејќи неговите вредности „не се во согласност со пристапите, трендовите и современите методи на нашите институции“.

„Дојдов до заклучок дека моите лични верувања и принципите што ми ги всади татко ми (рахметли крал Хусеин) не се во согласност со патот, директивите и современите методи на нашите институции“, напиша тој.

„Ќе останам како што секогаш сум бил и додека сум жив, верен на нашиот сакан Јордан“, додаде тој.

Минатиот месец Кралската палата објави дека принцот Хамза испратил писмо до кралот Абдула Втори, неговиот полубрат, во кое се извинува за наводниот заговор за соборување на монархот.

„Згрешив, ваше височество, и човечки е да се греши. Затоа сум одговорен за ставовите што ги зазедов и навредите што ги направив кон вашето височество и нашата земја во изминатите години“, рече Хамза.

„Му се извинувам на вашето височество, на народот на Јордан и на нашето семејство за нивните постапки кои, ако даде Господ, нема да се повторат“, додаде тој.

Отуѓениот принц, кој беше ставен во домашен притвор откако ги обвини владетелите на земјата за корупција, ја избегна казната со заколнување на верност на кралот набргу по посредништвото на постарите од кралското семејство.


„Reuters“
„Dubai-Portal“