Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) до Министерството за труд и социјална политика и координаторите на пратеничките групи во Собранието доставил Предлог за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој предлага минималната плата во нето износ веќе од следниот месец да изнесува 18.000 денари, а висината на минималната плата да не може да биде пониска од 60 отсто од просечната исплатена месечна нето-плата по вработенво последните три месеци.
„Предлагаме и платите на сите работници да се усогласуваат со порастот на минималната плата согласно измените и дополнувањата на Законот за минимална плата кои сме ги предложиле, согласно Закон и колективен договор со што спирално ќе се зголемат платите на останатите работници“, велат од ССМ.
Оттаму тврдат дека покачувањето на минималната плата од нејзиното воведување по предлог на ССМ, до денес, немало негативен ефект врз фирмите и државата. Тоа не довело до отпуштање на работници, ниту до кратење на нивните плати. Довело само до повисока продуктивност, поради поголемата мотивација на работниците.
„Минималната плата спречува работниците да добиваат многу ниска плата и да живеат во сиромаштија, а очекувањата на работниците од пратениците се да работат во интерес на оние кои што ги бираат, а Сојузот на синдикатите на Македонија ќе продолжи со подготовките преку штрајкувачките одбори и во зависност од резултатите и брзината на преговорите помеѓу ССМ, Собранието, работодавачите и Владата, а доколку нема резултат ССМ ќе повика на Генерален Штрајк кој ќе продолжи преку изразување на разни форми на изразување на работничкото незадоволство и синдикален притисок“, се вели во соопштението од ССМ.
Од Синдикатот ги повикаа парламентарните групи од власта и од опозицијата, како и Министерството за труд и социјална политика, во најбрз можен рок да го усвојат законот.
„Како што тие идат во време на избори кај нас работниците и ги бараат нашите гласови за да бидат избрани, така сега и ние дојдовме пред нивната врата да побараме помош за работниците и граѓаните, заради сите случувања, економска и енергетска криза во државата“, изјави за ТВ24 секретарот на ССМ, Златко Цветковски.
„Sloboden pecatl“









