Ситуацијата на границата меѓу Полска и Белорусија, во регионот Гродно, каде што се наоѓаат повеќе стотини нерегуларни мигранти, ескалираше откако група мигранти се обиде да влезе на територијата на Европската Унија, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Белорускиот државен комитет за граници објави видеоснимка на која се гледа како полската полиција интервенира во тампон-зоната на границата меѓу двете земји.

Полската полиција користеше солзавец и водени топови за да ги разбрка мигрантите.

 

Министерството за одбрана на Полска соопшти дека мигрантите со камења ги нападнале војниците и припадниците на полицијата и дека се обидуваат да ја уништат оградата и да преминат на територијата на Полска.

Повеќе од 2.000 мигранти, меѓу кои и жени и деца, ги напуштија камповите во Белорусија во понеделникот и се упатија кон западната граница со Полска.

Западно од градот Гродно, мигрантите, кои главно дошле од Ирак, ги напуштија камповите што ги направиле во шумскиот предел и целата ноќ ја поминале на граничниот премин Брузги – Кузница.

Во октомври, Белорусија го суспендираше договорот со Европската Унија, како и обврската да ги прими назад мигрантите што влегле во ЕУ од нејзина територија.

Европската Унија ја обвинува белоруската администрација за „користење на нерегуларната миграција како средство“ и дека „се обидува да ја дестабилизира ЕУ“ со испраќањето мигранти до границите на земјите членки на ЕУ.

Полските власти најавија дека нема да дозволат влез на мигранти во земјата и дека оние што ќе успеат да влезат ќе ги испратат назад во Белорусија. Во исто време, Белорусија ја обвинува Полска дека не обезбедува хуман третман на луѓето што сакаат да мигрираат во Европа.

Anadolu Agency