Турчин во Истанбул заработува за живот, доброволно дозволувајќи да биде претепан од своите клиенти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лиценциран како „стрес-тренер“ од 2012 година, Хасан Риза Ѓунај рече дека бил инспириран од филмот „Сарк Булбулу“ на турскиот комичар Кемал Сунал, во кој главниот лик доброволно дозволува да биде претепан.

Според познатата реплика од филмот „Доведете ми го Мазлум“, тој дозволил да го тепаат за пари оние на кои им е досадно или се лути на својот шеф или сопруга и сакаат да се ослободат од стресот.
„Некои луѓе медитираат, други врескаат, додека други се одлучуваат да тепаат некого за да се ослободат од стресот“, рече тој, додавајќи дека тоа е легална алтернатива во која никој не страда.
„Повеќето од моите клиенти страдаат од депресија или напади на паника или се преоптоварени поради нивните секојдневни рутини“, рече Ѓунај.

Истакнувајќи дека прима само двајца до четворица клиенти дневно, тој рече дека една сесија во просек трае 10 – 15 минути. Повеќето од неговите клиенти се жени.
Тој нагласи дека сепак, не прифаќа резервации од секого.
„Морам да се чувствувам добро за оние кои имаат такви барања“, изјави Ѓунај.

„Би сакал да обучам други потенцијално заинтересирани луѓе како „стрес-тренери“ и да ги предадам моите ракавици на новите генерации“, додаде тој.
„Anadolu Agency“










