Ирачкиот премиер Мустафа ал Казими истакна дека лично ќе ја надгледува безбедноста на предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 10 октомври, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во својот говор на владината седница, Казими рече: „Како влада, ние ги исполнивме нашите одговорности во врска со изборите и ги исполнивме сите потреби на Врховната изборна комисија.“

Осврнувајќи се на дискусиите за тоа дали изборите може да се одржат во безбедна средина, Казими рече: „Лично ќе го контролирам обезбедувањето на сигурноста на изборите. Нема да дозволиме никакви прекршувања што негативно ќе влијаат на текот и на резултатите од изборите.“

Казими, исто така, нагласи дека специјална амнестија ќе им биде дадена на жените и децата затворени за други кривични дела, а не за „тероризам, корупција и оштетување на јавниот имот“.

Предвремените парламентарни избори во Ирак треба да се одржат на 10 октомври. Прашањето за „сигурноста на изборите“ е прашање за кое често се дискутира. Се очекува безбедносните сили да гласаат на 8 октомври.

Ајатолахот Али ес-Систани, највисокиот верски авторитет на шиитите во земјата, во вчерашната изјава ги повика луѓето да излезат на гласање за да се случи „промената“.

Anadolu Agency