ВАШИНГТОН (АА) – Соединетите Американски Држави (САД) продолжуваат со плановите за повторно отворање на својата де факто мисија за Палестина, објави Стејт департментот вчера, и покрај големото јавно противење од страна на израелскиот шеф на дипломатијата, јавува Агенција Анадолија (АА).

Министерот за надворешни работи на Израел, Јаир Лапид, вчера изјави дека повторното отворање на Генералниот конзулат на Вашингтон во западен Ерусалим (Кудс), кој традиционално служеше како дипломатско седиште на САД за Палестинците, е „лоша идеја“.

„Сметаме дека е лоша идеја и ѝ кажавме на Америка оти мислиме дека тоа е лоша идеја“, рече Лапид, чии изјави беа цитирани од весникот „Тајмс оф Израел“.

„Овој потег“, рече тој, „ќе испрати погрешна порака, не само до регионот, не само до Палестинците, туку и до другите земји, и ние не сакаме ова да се случи.“

По јавното предупредување, портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, рече дека администрацијата на Бајден ќе продолжи со процесот за повторно отворање на нивниот Конзулат во Ерусалим.

Во 2018 година, администрацијата на поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, го затвори Конзулатот во Источен Ерусалим откако го призна Ерусалим за главен град на Израел.

Акциите на Трамп предизвикаа широка реакција кај Палестинците, кои го бараа Источен Ерусалим како главен град на нивната идна држава. Тогаш тие ги прекинаа дипломатските контакти со САД, а претседателот Џо Бајден вети дека ќе ги обнови односите со Палестинците.

Државниот секретар Ентони Блинкен во мај објави дека администрацијата на Бајден ќе продолжи со повторно отворање на Конзулатот.