На предвремените општи избори одржани вчера во Бугарија, преброени се 95,22% од гласовите, по што партијата „Граѓани за европски развој на Бугарија“ (ГЕРБ) на поранешниот премиер Бојко Борисов и партијата „Има таков народ“ (ИТН) на популистичкиот шоумен Слави Трифонов наизменично го преземаат водството во трката за победник на изборите, известува Агенција Анадолија (АА).

Централната изборна комисија на Бугарија објави дека по пребројувањето на 95,22 проценти од гласовите, партијата ГЕРБ освоила 23,91% од гласовите, а ИТН освоила 23,66% од гласовите.

Во соопштението се наведува дека гласовите од странство можат да го променат резултатот.

Проруската Бугарска социјалистичка партија (БСП), наследник на поранешната Комунистичка партија, освои 13,63% од гласовите, додека партијата Демократска Бугарија (ДБ), која ги претставува десничарските сили, освои 12,54% од гласовите.

Партијата „Движење за права и слободи“ (ДПС), чие мнозинство членови се Турци, стана 5-та партија во Парламентот со освоени 10,17% од гласовите, додека „Исправи се! Мафијата надвор!“ (ИСМН) го мина потребниот праг на гласови, освојувајќи 4,31% од гласовите.

Бугарските патриоти (БП), формирани од расистички и ултранационалистички партии, единствениот можен партнер на партијата ГЕРБ, не успеаја да го поминат прагот.

Политичките набљудувачи сметаат дека на коалицијата ИТН, ДБ и ИСМН, која може да има од 110 до 112 пратеници во 240-члениот Парламент на Бугарија, ќе ѝ биде потребна поддршка од БСП или ДПС со цел да ја добие потребната доверба во Парламентот. Новата влада ќе мора да добие најмалку 121 глас за изгласување доверба.

Централната изборна комисија на Бугарија најави дека конечните резултати од изборите ќе ги објави на 15 јули, а списокот на новите парламентарци на 18 јули.


Anadolu Agency