Палестинскиот фудбалски сојуз (ПФА) го критикуваше планираниот егзибициски фудбалски натпревар во Ерусалим, на кој ќе настапи шпанскиот великан Барселона. Во писмото до Меѓународната фудбалска асоцијација (ФИФА), претседателот на ПФА, Џибрил Раџуб изјави дека Ерусалим е прогласен за поделен град со резолуција на Обединетите нации и дека тимот на Ерусалим Беитар со кој треба да игра Барселона е расистички клуб. „Иако немаме право да му кажеме на кој било клуб како да ги организира нивните пријателски натпревари, имаме право да се спротивставиме на изборот на Ерусалим за домаќин на натпреварот“, напишал Раџуб во писмото кое исто така беше испратено до Европската и азиската фудбалска асоцијација (УЕФА и АФЦ). „Според меѓународното право, Ерусалим е поделен град, а источниот дел се смета за окупирана палестинска земја, што му дава надлежност на ПФА за какви било фудбалски активности што се случуваат во тој дел од градот“, се вели во писмото. Настаните што треба да го придружуваат натпреварот вклучуваат посета на стариот дел на окупираниот Источен Ерусалим, што претставува „повреда на нашите права“, се додава во него.
Етничко чистење на регионот
Натпреварот е закажан за 4 август во областа Малха, местото на некогашното палестинско село, кое беше етнички исчистено од израелските паравоени сили за време на формирањето на Израел во 1948 година. Клубот „Беитар во Ерусалим“, кој е поддржан и од поранешниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху, е познат по расистички испади од неговите навивачи и честите скандирања „Смрт за Арапите!“ Тврдокорните навивачи на клубот, познат како „Ла Фамилија“, се горди што Беитар никогаш немал ниту еден палестински или арапски фудбалер во својот состав. Во минатото, Раџуб се спротивстави и на мечот на аргентинската репрезентација во Ерусалим. Натпреварот, закажан за 2018 година, беше откажан, но ФИФА го казни Раџуб на 12 месеци, за „поттикнување омраза и насилство“, бидејќи тој повика на палење на дресовите и постерите на Лионел Меси во случај да се одржи натпреварот.
(Вијести.ба)








