Англиската фудбалска репрезентација за првпат во историјата ќе биде дел од едно финале на Европско првенство, а мора да се напомене дека не можеа да замислат подобро сценарио за одигрување на истото, бидејќи како домаќините ќе ги одмерат силите со Италија на „Вембли“.

Селекцијата која ја предводи Герет Саутгејт направи историја со самиот пласман на завршниот меч на континенталниот собир, на кој морални победници остануваат Данците кои вечерва загубија во полуфиналето во дополнителните 30 минути игра.

Данска покажа херојска игра и вечерва, поведе со голот на Дамсгард, но на крајот не успеа да приреди голема сензација на англискиот храм на фудбалот и потклекна во дополнителните 30 минути игра по еден контроверзен пенал.

Англија се врати во игра со автоголот на Кјаер и израмни на 1:1, резултат кој беше активен и по 90 минути игра во регуларниот дел. Англија напаѓаше, Данците се ориентираа на бранење и се одлучија за игра на контри, а клучниот момент се случи во 102-та минута кога Рахим Стерлинг падна во шеснаесетникот на гостите.

Макели немаше дилеми и веднаш покажа на белата точка, па иако одлуката изгледаше престрога, истата беше потврдена и од ВАР собата и Кејн доби шанса за гол. Шмајхел го одбрани пеналот, но одбиената топка се врати кај напаѓачот на Тотенхем и постигна погодок по кој следеше ерупција на „Вембли“.

Со овој резултат, Англичаните за првпат обезбедија финале на едно Европско првенство и во недела ќе играат против Италија, додека Данците ќе мора да почекаат за второ по она во 1992-ра година.


Derbi