Англија е последниот полуфиналист на Европското првенство и ќе игра со Данска во втората полуфинална пресметка на „Вембли“, после спектакуларно убедливата победа на „Гордиот Албион“ со триумфот против Украина со 4-0 на римски „Олимпико“.

Хери Кејн со два гола, Хари Мегваер и Џордан Хендерсон со по еден ѝ донесоа на Англија голема победа, за Англичаните да се вратат дома, на својот „Вембли“ и да пробаат да го освојат ова Еуро 2020, откако веќе 55 години чекаат на голем трофеј, уште од домашниот Мундијал во 1966 година, кога станаа светски прваци.

Воведните пет минути од вториот дел ја скршија Украина кога Мегваер и Кејн по центаршутевите на Лук Шо, набрзина дадоа два гола за убедливата предност од 3-0, откако по четири минути од стартот на мечот Кејн ја урна украинската дефанзива за водство, а Џордан Хендерсон ги дотепа со четвртиот гол, трет во низата со глава, кога практично веќе сѐ беше јасно за полуфиналето на Англичаните.

Англија на Европските првенства никогаш не успеа да стигне до финале, па сега последна пречка ќе им бидат Данците, кои денеска по 1992 година и 29 години дојдоа до прво полуфинале. Пресметката е во среда на 7 јуни, а ден претходно Италија и Шпанија ќе се пресметаат во првиот меч во полуфиналната рунда.

Колку што убедливиот настап на Англија за полуфинале ги радиува навивачите, уште побитно за овој тим е податокот дека и петти меч во низа не примија гол, што уште повеќе му дава сигурност и самодоверба на „Гордиот Албион“ дека веројатно чукна часот за оваа селекција конечно да се израдува на голем трофеј.

За Англија ова е второ големо полуфинале, откако на СП во Русија во 2018 година исто така стигнаа до најдобрите четири, но беа елиминирани од Хрватска.


 „Sport 1“