Фудбалерите на Данска се радуваа на пласман во полуфиналето на Европското првенство, откако ја победија Чешка со 1-2 (0-2) во Баку. Данците во ниту еден момент не отстапија од напаѓачката филозофија и со неа ѝ одржаа лекција на Чешка. Со два погодоци во првиот дел, скандинавската селекција си направи солидна предност со која и покрај брзиот одговор по паузата, успеа да си обезбеди место меѓу четирите најдобри.
Натпреварот тргна со стандардното испитување на силите, игра на средината и блага иницијатива на Чесите. Сепак, Данска успеа да дојде до предност од првата вистинска можност на мечот, по само пет минути игра. Од корнер нафрли Стригер Ларсен, а дефанзивците го „заборавија“ Томас Делејни осамен на пеналтикот, па овој со глава го матира Вацлик за 0-1.

Натпреварот се отвори, тактичките замисли паднаа во вода и двете селекции тргнаа посмело. Данците имаа две закани да ја удвојат позитивата преку Дамсгард чиј удар го фати Вацлик, а Делејни не го погоди голот. Најголемата неискористена можност во првиот дел ја имаше Томас Холеш, кој излета сам пред противничкиот гол, ама Каспер Шмајхел му фати зицер.

Казната на спротивната страна пристигна пред истекот на првото полувреме преку Каспер Долберг. Акцијата по левата страна тргна од Вестергард кој упати долга топка кон Маеле, а овој со атрактивна асистенција со надворешно ефе го пронајде напаѓачот на Ница. На Долберг не му беше тешко „сервираната“ топка да ја смести во мрежата на Чесите за 0-2 во 44. минута од средбата.

Веднаш на стартот на второто полувреме Чешка се врати во игра. Цоуфал уфрли прецизна топка на пеналтикот, неа ја сочека Патрик Шик и со прецизен низок удар го матира Шмајхел за 1-2 во 49. минута.
Јасно беше дека Чесите ќе мора да притиснат за да се вратат во игра, но изненадување беше фактот дека Данска не прејде во целосна дефанзива. Напротив, избраниците на Хјулманд играа смело и притискаа за нов гол. Тие дури имаа и две големи шанси преку Поулсен и Маеле, но голманот Вацлик ја сочува надежта на својата селекција. Офанзивниот пристап на Данците ја изненади Чешка, која немаше решение и немаше вистинска шанса да притисне и да го загрози голот на Шмајхел, па на крајот загубија со гол негатива.
Во полуфиналето Данска ќе се пресмета со подобриот од вечерниот дуел меѓу Украина и Англија, в среда на „Вембли“.
„Go“










