„Кризниот данок на Заев од 4,13 денари врз горивата трајно ќе ја зголеми цената на горивата и со тоа новите давачки кои ги наметна лично Зоран Заев и лично оваа расипничка власт на СДСМ за еден литар гориво ќе изнесуваат цели 14 денари. Тоа се пари кои мора да ги плаќаат македонските граѓани, без разлика колку е ниска или висока цената на нафтата на светските берзи“, реагира денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
„Токму поради овие нови давачки на Зоран Заев и СДСМ македонските граѓани плаќаат енормно скапи горива, а само во последната година бензините од 50 денари по литар скокнаа на 71,5 денари, а дизелот од 46 денари по литар скокна дури на 63 денари. И ова е факт кој што граѓаните секојдневно го говорат. Толку големо покачување на цената на горивата доколку не беа давачките на Зоран Заев и СДСМ во форма на акцизи и даноци немаше да има“, рече Арсовски.
Спроед неговата пресметка, ако едно семејство кое има еден автомобил и месечно трошело еден резервоар гориво, некаде околу 40тина литри, сега со покачувањето месечно одвојува во просек повеќе од 600 денари од она што плаќало претходно.
„Ова енормно покачување на цената на горивата не може, а да не предизвика ценовен шок. На удар се сите производи и услуги во чие производство горивата играат важна улога. Тука постои опасност и можност да се покачат и сите цени на транспортниот сообраќај во Република Македонија само поради тоа што има вакво сериозно покачување од Зоран Заев. И тука се загрозени веќе повеќе од половина од граѓаните кои што користат јавен или било каков транспорт“, предупреди Арсовски.
Тој потсети дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со сите можни средства кои ѝ стојат на располагање во рамки на Собранието и во рамки на демократското работење ќе го блокира овој предлог законот на Заев за кризен данок од 4,13 денари на горивата.
„А по формирање на нова влада од страна на ВМРО-ДПМНЕ ќе има целосна ревизија на сите антипазарни политики на СДСМ во форми на даноци, акцизи и сѐ останато кое што директно задира во џебот на граѓаните“, најави портпаролот.
„Plusinfo“









