Денеска на ЕУРО 2020, за репрезентацијата на Македонија ќе биде последен натпревар, дуел за престиж, и можност за први и единствениот бодови. Денеска емотивен ден и за Горан Пандев, капитенот на националниот тим кој вчера најави дека го игра последниот натпревар за Македонија во кариерата.

Јасно е дека Македонија е веќе елиминирана што и да направи на денешниот дуел со Холандија во Амстердам, затоа што не може да стигне ниту една од селекциите на Австрија и на Украина кои имаат по три бода, затоа што е послаба во нивните меѓусебни пресметки. Токму Австрија и Украина во меѓусебен дуел во Букурешт ќе одлучуваат за второто место на табелата.

Најавата дека Холанѓаните ќе играат со резервен тим е шансата за Македонија да дојде до добар резултат од дуелот со фаворитот, а згора на тоа македонските фудбалери ќе „гинат“ и за достојно збогум на Горан Пандев.

Двата дуели од групата „Ц“ се играат во 18 часот.

Вечерва се играат и двата натпревари од последното коло во групата “Б“. Белгија е веќе пласирана со шест бодови, и денеска ќе игра против Финска во обид да дојде до нова победа. Данска, пак, ќе ги брка првите бодови во дуелот со Русија. Тука Русија и Финска имаат по три бодови, а Данска е без поен, па евентуален триумф на Данците може да придонесе за ист број на бодови на сите три селекции, и гол разликата и нивните меѓусебни дуели да одлучува за патникот во следната фаза.


Tv21