Нема да дозволиме нашите деца да бидат жртви на злоупотреба и на тероризам, тоа им го ветуваме на мајките и татковците кои во солзи копнеат по своите деца, порача претседателот на Дирекцијата за комуникации при Претседателството на Турција, Фахретин Алтун, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Нема да дозволиме нашите деца да бидат жртви на злоупотреба и на тероризмот, тоа им го ветуваме на мајките и татковците кои во солзи копнеат за своите деца. Нашата борба ќе продолжи сè додека последното наше дете не биде спасено од канџите на предавничката терористичка организација ПКК/ЈПГ“, истакна Алтун преку социјалната мрежа Твитер.

Алтун објави и видео на англиски јазик под насловот „ЈПГ продолжува со искористувањето на децата“.

Во видеото се потсетува на еден од извештаите на Обединетите нации, во кој е потврдено дека сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, ЈПГ, продолжува со регрутација на деца во своите редови.

„ЈПГ го сочинува мнозинството на таканаречените Сириски демократски сили (СДГ), кои се партнер на САД во борбата против ДЕАШ. Според извештајот, како што е потврдено, ЈПГ регрутирала 318 деца, а ЈПЈ, што претставува женски огранок на истата организација во рамките на СДГ, 99 деца. Според потврдени информации од Сирија, за повеќе од 35 од сите регрутирања на деца одговорни се СДГ и организациите поврзани со нив“, се истакнува во видеото.

Исто така, се потсетува дека ЈПГ и СДГ продолжуваат со злоупотреба на децата и со кршење на човековите права и покрај акцискиот план со цел запирање на споменатото, на кој стои потписот на Обединетите нации. Се потсетува и дека Турција во повеќе наврати ја предупредила меѓународната заедница на опасноста што во врска со злоупотребата на деца ја претставува ПКК и со неа поврзаните терористички организации.

Во видеото е нагласено дека терористичката организација на југоистокот на Турција киднапирала и присилно регрутирала многу деца и дека мајките на некои од децата кои терористичката организација ПКК ги регрутирала протестирале, а притисокот создаден со протестите на мајките во Дијарбакир резултирал со повторно собирање на повеќе од 240 семејства со своите деца во текот на минатата година.

Во видеото е заклучено дека „децата се нашата иднина и дека мора да бидат заштитени од канџите на терористичките организации и дека Турција ќе ја продолжи решителната борба против ПКК и другите терористички организации“.

ПКК е сепаратистичка организација која се наоѓа на листата на терористичките групи во Турција, ЕУ и САД. Во текот на повеќедецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.


Anadolu Agency