Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, денеска во Градскиот парк во Скопје оствари средба со претставници на здруженијата на лицата со ретки болести, со кои разговараа за предизвиците со кои се соочуваат овие лица во услови на пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Во изјава за медиумите по средбата, Филипче рече дека во услови кога целиот здравствен систем е посветен на третманот на пациентите заболени од коронавирусот, треба да се посочи внимание и на спецификите во третманот на пациентите со ретки болести.
Разговаравме за начинот на којшто би се олеснил пристапот, дистрибуцијата на лековите за ретки болести преку инсулинските аптеки или преку патронажните сервиси за пациентите кои се неподвижни, како и за надградба на електронскиот регистар поради тоа што пред нас е еден период во којшто повеќе услуги, пациентите, граѓаните треба да ги добиваат во домашни услови или близу нивните домови во амбулантите, рече Филипче.
На овој начин, според него, ќе се избегне доаѓањето во болница на пациентите со ретки заболувања, што ќе го намали ризикот од можна инфекција со Ковид-19.
Наташа Анѓелевска, претставничка на здруженијата на пациентите со ретки болести, рече дека овие лица ги трпат последиците од пандемијата на Ковид-19, иако не се директно поврзани со неа.
Таа истакна дека во изминатиот период преку разговори со Министерството за здравство успеале да обезбедат одлуки со кои дел од тие пациенти се ослободени од работни обврски, или од училиште, доколку станува збор за деца.
Уште поважано е дека пристапот до лекови ни беше овозможен континуирано и без застој, благодарение на напорите кои ги вложивме како здружение, на нашите барања да не останеме без терапија, бидејќи тоа е критично за животот на пациентите. Она за што денеска разговаравме е како да продолжиме понатаму, бидејќи очигледно е дека ситуацијата нема да се смири, рече Анѓелевска, додавајќи дека е особено важно услугите колку што е можно да се добиваат дома.
Прашан за тековната состојба со Ковид-19 во земјите од регионот, особено во Косово и Србија, како и за можноста за затворање на границите, министерот Филипче рече дека во наредните денови ќе разговараат со здравствените власти на овие земји и доколку е потребно, повторно ќе бидат донесени.
„Anadolu“








