Како и под кои услови ќе бидат отворени границите ќе се разговара денес и утре. Одлуката ќе зависи и од состојбата во другите соседни држави и како тие ќе одлучат за тоа. Министерот за здравство Венко Филипче информира дека попладне ќе разговара со министрите за здравство на соседните земји, а утре ќе се анализира состојбата по што ќе биде донесена одлука.
„Нашата анализа покажува цел регион е во ист епидемиолошки ризик. Утрово имавме дискусија, ќе продолжиме и утре и ќе донесеме одлука. Денеска ќе разговараме и со министерствата за здравство во околните земји. Во однос на тоа дали и ние ќе бараме тестови доколку при влез во друга земја од нашите државјани се бара тоа, можам да кажам дека тоа ќе биде една од темите. Има и други опции, како на пример потпишување на документи за следење, што на почетокот на корона кризата се практикуваше во авион“, изјави министерот Филипче.
Но, внатре во државата се случуваат настани кои сега се забранети. За тоа не се спроведе ниту контрола, ниту санкции и од тука произлегоа нови заразени. Сметам дека поригорозно спроведување на мерките ќе даде резултат, како и строга контрола, рече министерот Филипче.
„Многу настани се случија во изминатиот период по што не се спроведе ниту контрола, ниту санкции и од тука произлегоа нови заразени. Секојдневно сме сведоци дека се организираат настани кои сега се забранети. Сметам дека мора да биде контролата поригорозна,“, рече Филипче.
Тој рече дека деновиве ќе разговара со дел од градоначалниците за да се види како понатаму ќе се реагира во општините кои се најголеми жаришта.
Тој рече дека анализата на бројот на новодијагностицирани пациенти во Скопје опаѓа, но додаде дека со резерва ги кажува предвидувањето бидејќи викендите предизвукуваат раст на бројот на нови заболени со Ковид-19.
„Викендите се нешто што со недели наназад прават некаква промена на бројот и на тестови и на новодијагностицирани. Битно е дека се прави трејсинг на контактите, со сите проблеми со кој се соочуваат епидемиолозите, но кој ги надминуваме со интервенци на дневна основа, таму каде што најмногу треба. На пример на наше барање се вклучија епидемиолози од Министерството за одбрана и техничари од Воено медицинскиот центар, епидемиолозите во однос на спроведување на анкетите, а техничарите за земање на брисеви на пациенти, на кој што им се потребни контролни брисеви по одреден период за да се види дали се негативизирани (оздравени)“, истакна Филипче.
Во државен карантин веќе има 13 лица кои не ја почитувале самоизолацијата. Филипче потенцира дека мерката со државен карантин е навистина добра и ќе прати сигнал до сите кои не ги почитуваат мерките бидејќи навистина треба да се придржуваат до нив, затоа што нема друг механизам во борба против вирусот.
„Прво е сериозен дел оставен на свеста на граѓаните и да им честитаме на оние кои се придржуваат до овие мерки. До сите кои не се придржуваат ништо добро не прават, прават лошо за себеси, за најблиските, се изложуваат на ризик, го загрозуваат здравствениот систем и строго на терен треба да работат службите кои ова треба да го детектираат и да го санкционираат“, рече Филипче.
Тој информира дека во неколку наврати имало состаноци со претставници на МВР на кои се укажало на предизивиците и на проблемите со кои се соочуваат сите институции и од здравствениот систем и дека сето тоа е сериозен сигнал секаде каде што може и треба поинтензивно да се работи.
„Сметам дека со таква интензивна работа на терен ќе се пушти сериозен сигнал до граѓаните и тие ќе сфатат дека овие мерки мора да се почитуваат“, нагласи министерот Филипче.
Викендов од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) преку пошта испратиле околу 400 решенија за самоизолација, а за 30 е стигнало назад дека не се доставени. Министерот рече дека ќе се почека уште енкој ден, па потоа во консултација со Дирекцијата за заштита на лични податци ќе ги објаватат имињата на тие што не ги примаат решенијата за самоизолација.
„Ќе почекаме уште некој ден-два, мораше прво да се искористи овој механизам, согласно законот за општо-управна постапка“, кажа министерот.
Што се однесува до отворањето на градинките, Филипче потенцира дека уште е рано да се отворат градинките и најверојатно по разгледување на епидемиолошката состојба и бројките, одлуката ќе се носи понатаму, но засега не.
„Во оваа ситуација можно е таму да се зголеми трансмисијата помеѓу децата и од членови на новините семејства што може да предизвика дополнителен проблем“, нагласи министерот Филипче.
Според статистиките на Институтот за јавно здравје, 12 до 29 јуни, најголем број на новодијагонстицирани лица има во Скопје, 58.3 проценти и 14.2 од Тетово, и со тоа овие два града се најголеми жаришта во земјава.
Најмногу заболени има на возраст на 60 години, но и млади-19.4 проценти се на возраст од 30-39 години. Највисока смртност има кај лица над 60 години, 83.1 процент, најголем дел се со хронични заболувања.
Вкупно Ковид дијагностицирани во земјава има 5.196, оздравени се 1.974, починати се 247, а активни случаи има 2.975.
Извор:НоваТВ










