СКОПЈЕ (АА) – Ромскикот културен медиа центар „Бариканипе“ ја промовираше научната студија на авторката Мирдита Салиу со наслов „Геноцидот врз Ромите во Втората светска војна“, јавува Агенција Анадолија (AA).

Авторката Мирдита Салиу во изјава за АА вели дека оваа научна студија е прва со ваква тематика во Република Северна Македонија. Таа истакнува дека студијата се однесува на еден дискурзивен период, Втората светска војна, „и уште подискурзивна проблематика, геноцидот врз Ромите во Втората светска војна.“

„За геноцидот врз Ромите од Северна Македонија речиси и да не се знае, и оваа студија претставува еден прв чекор за запознавање на јавноста, особено на младите луѓе, со тоа што се случило во текот на Втората светска војна. Во книгата има бројни податоци кои што се добиени од повеќе истражувања, претходни истражувања на претходни теоретичари и научници, од архивите на германските музеи и од музејот на Аушвиц“, вели Салиу.

Таа додава дека книгата содржи и сведоштва за тоа што се случувало во текот на Втората светска војна, додавајќи дека во научната сфера има многу малку поддржувачи на мислењето дека и врз Ромите е извршен геноцид.

„Препорачувам на сите оние кои што ќе дојдат до оваа научна студија, да ја прочитаат, да ги видат податоците, не само затоа што е напишана и е прва во Република Северна Македонија од овој вид, туку и да се запознаат со тоа што го носела Втората светска војна, односно што може да донесе секоја војна во кој било простор, во кое било време, со цел да се спречат оние работи што се случија во текот на Втората светска војна“, вели Салиу.

Таа истакнува дека книгата говори директно за Ромите, но додаде дека Ромите не можат да се исклучат од Евреите, кои како што вели таа, исто така биле масовно убивани. Салиу објаснува дека во книгата се зборува и за родовата димензија на геноцидот.

 


AA / Dubai-Portal