Самитот на Процесот Брдо-Бриони во албанскиот главен град Тирана ги собра лидерите на земјите во регионот. Целта на Самитот е да упати политичка порака во однос на аспирацијата на земјите во регионот за интеграција во Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
На Самитот, кој се организира под покровителство на претседателот на Албанија, Илир Мета, присуствуваат претседателот на Косово, Хашим Тачи, претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, претседателот на Словенија, Борут Пахор, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорак Додик и Шефик Џаферовиќ.
На средбата ќе присуствуваат и претседателот на Полска, Анджеј Дуда и високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини.
Лидерите учесници беа пречекани од претседателот на Албанија, претседателката на Хрватска и од претседателот на Словенија, кои на крајот на Самитот ќе одржат заедничка прес-конференција.
Процесот Брдо-Бриони е регионална иницијатива формирана во 2010 година. На затворањето на Самитот во Тирана, лидерите учесници ќе потпишат документ со заклучоци од средбата.
Од друга страна, претседателот на Република Северна Македонија, Ѓорѓе Иванов, упати писмо до лидерите на Процесот Брдо-Бриони, во кое им се заблагодари за поканата за учество на овој состанок во Тирана, и рече дека нема да може да учествува на состанокот за кој станува збор.
„Поради исклучително краткиот период пред крајот на мојот претседателски мандат и инаугурацијата на новиот претседател на Република Македонија, за жал не можам да учествувам на овој многу важен собир“, нагласи Иванов во неговото писмо.
„Оваа иницијатива не само што нè приближи кон Европската Унија, туку покажа дека кога сме сплотени можеме да успееме повеќе на полето на инфраструктурното, безбедносното и економското поврзување. На крајот, сакам уште еднаш да посакам успешен настан и се надевам дека како што со отворени раце ме прифативте во овој процес, така ќе го прифатите и мојот наследник со кого ќе ја продолжите идната соработка“, додаде Иванов во неговото писмо до лидерите на Процесот Брдо Бриони.











