САД на Малезија ѝ вратија 57 милиони долари од корупцискиот скандал

0
134

Властите на Соединетите Американски Држави (САД) ѝ ја вратија на Малезија првата транша од вкупно 200 милиони долари, кои од таа земја се извлечени во рамките на корупцискиот скандал на Фондот за јавен развој на Малезија (1MDB), јавува Anadolu Agency (AA).

Станува збор за скандал во кој првообвинет е поранешниот премиер на Малезија, Наџиб Разак, а САД на Малезија во првата транша ѝ вратија 57 милиони долари.

Државниот обвинител на Малезија, Томи Томас, за новинарите изјави дека властите на САД ги вратиле парите кои претходно од сметката на Фондот за јавен развој на Малезија биле префрлени на сметка на холивудската компанија „Red Granite Pictures“, со која тесно е поврзан посинокот на поранешниот малезиски премиер, Риза Азиз.

„САД минатата недела ги блокираа тие средства и тие денес се вратени на Малезија. Преостанатите пари ќе бидат вратени во наредниот период“, изјави Томас.

Поранешниот малезиски премиер Наџиб Разак е обвинет за повеќемилионски корупциски скандали и злоупотреба на позицијата, а Врховниот суд вчера му го одби барањето за разрешување на главниот обвинител Гопала Сри Рама.