Папата Франциск утре пристигнува во официјална посета на Република Македонија во рамките на која ќе се состане со политичкиот врв на државата и ќе одржи литургија во центарот на Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).

Организацискиот тим на Апостолската посета на папата Франциск на Северна Македонија информираше дека утре, на 7 мај, во утринските часови, папата ќе пристигне на Меѓународниот аеродром „Скопје“, каде што ќе биде организиран свечен пречек со Почесната гарда на Армијата на Република Северна Македонија.

Папата ќе биде пречкан од страна на претседателот на Република Северна Македонија, Ѓорѓе Иванов, и од премиерот Зоран Заев.

По пристигнувањето во Скопје, на платото на Претседателската палата, Вила „Водно“, ќе се одржи официјална церемонија, по која ќе следуваат одделни средби со претседателот Иванов, а потоа и со премиерот Заев.

По официјалната церемонија, најавено е обраќање на папата Франциск пред државните власти, граѓанското општество и дипломатскиот кор во земјата.

Во рамките на посетата на Северна Македонија во текот на утрешниот ден, во Спомен-куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје, папата Франциск ќе оствари средба со верски лидери и со роднини на Мајка Тереза. По средбата со верските лидери, во амфитеатарот зад Спомен-куќата на Мајка Тереза, папата Франциск ќе има средба и со ранлива група граѓани.

На централниот градски плоштад „Македонија“ во Скопје, папата ќе одржи света литургија на која е најавено присуство на илјадници граѓани од земјата.

По литургијата, предвидено е папата Франциск да ја посети Католичката црква во Скопје, каде што ќе оствари екуменска и меѓурелигиска средба со младите.

Исто така, во Католичката црква е најавено дека папата ќе има средба и со свештениците и нивните семејства.

Според агендата, по посетата на Католичката црква, на Меѓународниот аеродром „Скопје“, папата Франциск ќе биде испратен со воена почесна гарда, со што официјално завршува неговата посета на Северна Македонија.

За време на посетата на папата Франциск во Скопје ќе бидат преземени посебни безбедносни мерки, а Министерството за внатрешни работи најави и посебен сообраќаен режим со цел непречено одвивање на предвидените активности.

По повод посетата на папата, Владата на Северна Македонија соопшти дека на 7 мај ќе бидат бесплатни јавниот градски превоз, железничкиот превоз, како и паркингот во Скопје.

Во пресрет на доаѓањето на папата Франциск во Северна Македонија, државниот секретар во Министерството за надворешни работи на оваа земја, Виктор Димовски, најавувајќи ја оваа посета, неодамна изјави дека за прв пат во својата историја, Северна Македонија и нејзините граѓани ќе бидат домаќини на посетата на папата Франциск и на висока делегација од Ватикан.

„Првата посета на Католичката црква, на главниот град на Северна Македонија, претставува голема чест и има силна симболика. Се реализира во годината кога одбележуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи и претставува потврда на пријателските односи и соработката заснована на значајни историски врски, споделени духовни вредности и традиции“, изјави Димовски.

Тој рече дека посетата на папата ја гледаат како директен придонес кон унапредувањето на регионалниот и светскиот мир и како признание за улогата што Република Северна Македонија ја има во овие процеси.